Вчерашниот ден донесе фудбалски пресметки во регионов и двете беа зацрнети со навивачки инциденти. Додека навивачите на Шкупи „Шверцери“ правеа проблеми на самиот натпревар Динамо – Шкупи, со недолично скандирање, во Тирана завладеа хаос по улиците.
Играа екипите на Тирана и на Зрињски, а навивачите од Мостар не се воздржувале во односот кон тамошната полиција. Откако нивниот клуб славеше со 1-0, славеле околу стадионот, па кога наишла полицијата настанала жестока пресметка.
„Еуроњуз Албанија“ објави видео на кое се гледа како навивачите фрлаат столчиња и други предмети кон полицијата, а таа потоа фрлила солзавец и физички се пресметала со некои од нив. „Факс њуз“ пренесува оти 25 лица биле приведени, а по еден навивач и полицаец биле повредени и префрлени во болница, надвор од животна опасност.
Медиуми од БиХ пишуваа и дека полицијата била брутална и дека крвнички со клоцање тепала навивачи.