Дибиров е еден од малкумината ракометари во Европа кој имаат над 1.000 голови во ЛШ, беше една од иконите на црвено-црните, кој уште зимоска најави заминување од Вардар, па се премисли, ама откако црвено-црните добија суспензија од ЕХФ поради стари долгови и задоцнета исплата на истите, реши конечно да замине од Скопје.
„Едноставно ова беше моја одлука. Сакав да продолжам да играм, но не само да играм, туку и да победувам. За жал со Вардар се случи тоа што се случи, секако дека на сите им е жал, но можеби сето тоа, беше само мачење кое веќе немаше смисла. Можеби паузата ќе донесе повеќе добро одошто продолжување на проблемите. Секако дека за Вардар сум посебно поврзан, зашто ги направив најубавите работи во кариерата, нешто што не се заборава. Во Скопје бев девет годиони, како дома сум, но јас сум професионалец и затоа решив да дојдам во Загреб“, вели Дибиров.
Русинот потенцира дека не знае дали ќе се врати во Вардар, но не ја исклучува и можноста да остане во Загреб ако сезоната која претстои биде добра.
„Не знам дали ќе се вратам во Вардар, потпишав едногодишен договор со Загреб и мислам дека сооглед на мојата возраст тоа е нормално. Се чувствувам добро, здрав сум и можам да дадам уште многу. Ако сезоната биде добра не е невозможно да останам во Загреб“, додаде Дибиров.