Најдобрата мак-тенисерка Лина Ѓорческа се пласираше во финалето на ИТФ турнирот во Оломуц, Чешка. Тетовчанката ја победи Дарја Астакхова од Русија во маратонот од два часа и десет минути, со резултат 2-1 (6-2, 3-6, 6-3). Така, по елиминацијата на Болсова, Наваро и руската ривалка, македонската тенисерка ќе игра за трофејот.
Ѓорческа не отвори според планот, загуби сервис веднаш на почетокот и Астакхова поведе со 2-0. Сепак, следеше неверојатен кам-бек, Лина играше одлично и ги освои следните шест гема за со 6-2 да дојде до предност во натпреварот. Русинката и вториот сет го отвори со брејк, а потоа спасуваше три брејк-топки во вториот гем. Сепак, Астакхова одигра добар сет, не дозволи изненадување и со втор одземен сервис на Лина, дојде до 6-3 и израмнување.
Третиот сет пак тргна израмнето. Ѓорческа се бореше за брејк на стартот, одново не искористи три брејк-топки и Астакхова го одби првиот налет. Сепак, не успеа во следните два. Македонската тенисерка со два брејка бргу дојде до водсто од 5-1, а тогаш имаше две меч-топки. Астакхова се одбрани, одзеде еден противнички сервис ама тоа беше сè што успеа. Во деветтиот гем на третиот сет, Ѓорческа ја искористи сет-топката за победа со 6-3.
Во финалето во Оломуц, Ѓорческа ќе се бори со домашна тенисерка. Се работи за Сара Бејлек која има само 16 години и важи за голема надеж на оваа земја. Бејлек во полуфиналето ја исфрли Нахимана, а во моментов е рангинрана подобро од Лина на 181 место на ВТА листата. Финалето е закажано за утре во 13:00 часот.