Откако си замина Роберт Левандовски, во Баерн Минхен не тагуваа многу, туку се насочија кон иднината. Најдобар симбол за тоа е ангажирањето на 17-годишниот Французин Матис Тел, за кого се најавува блескава перспектива.

Тел беше претставен во Минхен денеска, како новиот играч со дресот 39. Во април наполни 17 години, а доаѓа од Рен, за цена од 28,5 милиони евра, што го прави вториот најскап тинејџер по Португалецот Ренато Санчез (35 мил.). Дебитира за Рен уште минатиот август, на 16 години и 110 дена, а по седум одиграни меча во Лига 1 не успеа да постигне гол.

Сепак, жареше и палеше во неговата возрасна категорија, освојувајќи го Европското првенство У-17 со Франција, а вкупно за селекциите до 17 и до 18 години одиграл 15 меча на кои постигнал 10 гола.

„Матис Тел е еден од најголемите таленти во Европа, многу брз, технички силен и сестран напаѓач. Со У17 репрезентацијата на Франција стана европски шампион оваа година и беше капитен на тимот. Го следевме подолго време и успеавме да го убедиме да го направи следниот чекор со нас во Минхен. Горди сме бидејќи многу клубови сакаа да го ангажираат“, вели спортскиот директор на Баварците, Хасан Салихамиџиќ.

Може да игра како класичен шпиц, но и како поддршка за напаѓачите, странично или од втор план, а Баерн полага големи надежи во него. Самиот е импресиониран од вниманието и довербата која Баварците му ја покажаа, особено со договорот до 2027 година.

„Баерн е еден од најдобрите тимови во светот. Со нетрпение чекам да го започнам овој предизвик и да го дадам максимумот за клубот. Бев импресиониран од разговорот со Салихамиџиќ и луѓето од Баерн па за кратко време ми стана јасно дека морам да направам трансфер во Минхен“, рече Тел на претставувањето.