Во соседна Србија деновиве се забавуваат со новиот дрес на својата фудбалска репрезентација. Иако сè уште не е официјално претставен, неколку различни верзии на дизајнот некако протекоа во јавноста, а приказната за една предизвика многу чуда. „Единствениот проблем во целата приказна – ништо од досега виденото не е автентичен српски дрес! – реакцијата е од текстот на Курир во кој се наведува дека фотографиите од наводниот дрес кои се појавија на интернет „предизвикале лавина негативни коментари“. Курир исто така тврди дека имале увид во финалната верзија и дека тоа не е дресот кој кружи на социјалните мрежи, а промоцијата на истиот ќе биде на 29 август.
„Изгледа неспоредливо подобро и веројатно самите коментари ќе бидат поинакви до крајот на август“, додаваат тие. За „целиот хаос“ што се случува околу дресот е одговорна и компанијата што го произведува – Пума. Наводно, целата приказна требало да биде завршена до 29 мај, но тоа не се случило… Соработката помеѓу Пума и Фудбалскиот сојуз на Србија, како што тврди Курир, била договорена во последните денови од 2017 година и трае до крајот на оваа година, и еден предлог дизајн кој предизвика посебно изненадување, вклучуваше и шаховница на ракавите.
„Предлогот за опремата на Србија беше со шаховница на ракавите. Да, не се шегувам, тоа беше дизајнерската идеја за спортските тренерки на Србија која беше испратена до Федерацијата. Можете само да замислите што ќе се случи ако фудбалерите излезат со нешто слично на тренинг или натпревар“, вели изворот на Курир во текстот со наслов: „Планирале да ги облечат српските фудбалери во шаховница: Скандал без преседан! Ги откриваме сите детали од налудничавиот план“.