Стратегот на европскиот и англиски шампион Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, уште еднаш изјави дека не сака незадоволни фудбалери во својот тим, со што најави продажба на еден од најдобрите играчи.
Ваквата изјава на Гвардиола доаѓа по зачестените шпекулации дека португалскиот репрезентативец Бернардо Силва сака да си замине и да се пресели во Барселона.
„Не сакам во тимот да имам играчи кои не сакаат да бидат тука. Сакам да работам со фудбалери кои сакаат да бидат дел од Манчестер сити. Но, за да ги продадеме незадоволните, мора да добиемр соодветна понуда, а такво нешто сè уште не сме добиле. Доколку некој сака наш фудбалер, тогаш нека седне во авион и нека дојде да преговара со нашиот спортски директор“, изјави Гвардиола.
Каталонските медиуми пак пишуваат дека Барселона иако има финансиски проблеми, веќе ја доставила првата понуда за Португалецот, 65 милиони евра отштета и дополнителни 10 милиони во бонуси, но очекуваат Сити да ја одбие истата.
Манчестер сити бара најмалку 90 милиони евра за Бернардо Силва, сума која веќе ја одби од ПСЖ бидејќи желбата на фудбалерот е да се пресели на „Камп ноу“.
Медиумите исто така шпекулираат дека Португалецот ќе има плата од 10 до 11 милиони евра нето по сезона.