Македонската тенисерка Лина Ѓорческа е блиску до освојување на вториот пехар во 2023 година. Во конкуренција на двојки, на турнирот од W60 категоријата (60.000 долари награден фонд) во Хехинген ќе играат финале со партнерката Аљона Фомина.
Со оглед на тоа дека се трети носителки, во денешниот полуфинален меч имаа јасна улога на фаворитки против Германките Кил и Зајдел, сепак победата дојде исклучително тешко. Првиот сет го добија Германките со 6-2, но Лина и Аљона експресно се вратија во игра, па го отворија вториот сет со 4-0, и го добија со 6-2.
Вистинската пресметка дојде во третиот сет, кој се игра тајбрејк до 10. Некаде на средина од него, Германките се издвоија и со низа од четири поени дојдоа до 9-6, што значеше три врзани меч-топки. Ѓорческа и Фомина концентирани го одбранија сите три, но драмата не заврши тука, па Кил и Зејдел уште двапати дојдоа на поен до победа при 10-9 и 11-10. Сепак, со серија од три поени фаворитките покажаа истрајност и го освоија сетот со 13-10.
Во финалето ќе одат на дуел со Горгодзе од Грузија и Хобгарски од Германија, кои немаат загубено сет досега. Ова ќе биде трето финале за Ѓорческа во 2023, во конкуренција на двојки, по Сплит и Лиепаја. Триумфираше само во Сплит, тогаш во тандем со Словенката Вероника Ерјавец, но тоа беше турнир од категорија W40. Во оваа повисоката, W60, всушност, има само еден освоен пехар меѓу 46-те во кариерата, во двојки и тоа токму во Хехинген, во 2019 година.