Чурлинов после едногодишниот заем во Шалке 04 се врати во Штутгарт со кој има договор до 2024 година и имаше одлична предсезона, па со гол го реши Динамо Дрезден на стартот на Купот на Германија. Веднаш после мечот се појави информацијата на весник од Штутгарт, дека Барнли е заинтересиран.
Интересно, „швабите“ за три милиони евра беа спремни да го продадат македонскиот репрезентативец во Шалке, но гигантот од Гелзенкирхен се откажа од таа опција бидејќи немал пари за откуп. Сега цената на Чурлинов за Англичаните порасна, што е и очекувано, прво зашто после кам-бекот во Штутгарт игра извонредно, а второ за англиските премиерлигаши кои се полни со пари, секогаш трансферите се поскапи и клубовите кои продаваат сакаат што повеќе милиони евра да извлечат од Островјаните.