Сагата со најголемиот белгиски талент Шарл Де Кетелар во италијанскиот првак Милан заврши и од вечерва фудбалерот за врска и официјално е нов член на „росонерите“, откако после лекарските прегледи го потпиша договорот со вториот најтрофеен клуб во Италија.
Долго време Милан и Бриж се убедуваа за трансферот и конечно најдоа заеднички јазик за 35 милиони евра вреден трансфер, откако Де Кетелар се согласи да прифати помала плата од претходно договорената, само за да дојде на „Сан Сиро“.
Тој потпиша договор до јуни 2027 година, а ќе го носи дресот со број 90. Де Кетелар е дете на Бриж, а дебитираше за својот матичен клуб во 2019 година и оттогаш има 120 настапи и 25 гола, а трипати беше првак на Белгија.
Репрезентативец на „црвените ѓаволи“ е од 2020 година и досега има осум настапи со еден гол.