Победата на Барселона против Бетис од 4:0 посебно ќе ја памти 15-годишниот талентиран фудбалер Ламин Јамал. Овој тинејџер е фудбалски бисер од школата на Барселона, а вечерва доби шанса да дебитира за првиот тим.
Јамал е офанзивец и против Бетис во игра влезе во 86 минута на местото на Гави. Интересно е дека Гави има само 18 години, а овојпат местото му го отстапи на три години помладиот соиграч.
Со дебито на „Камп Ноу“, Јамал стана најмладиот фудбалер во историјата на Барселона со точно 15 години и 290 денови. Што се однесува до најмладите дебитанти во историјата на шпанското првенство, Јамал е на петото место.
Таткото на ова талентирано момче е од Мароко, а мајка му е од Екваторијална Гвинеја. Тој има настапи за младата репрезентација на Шпанија, но за него се бори и Мароко, да го добие на сениорско ниво.
Иако има само 15 години, Јамал веќе е стандарден во У 19 тимот на Барселона, а сега дебитираше и за сениорскиот тим, па дури имаше шанса и да постигне гол, но голманот на Бетис го одбрани неговиот удар. Јамал се покажа и како одличен додавач, но штета затоа што Дембеле пропушти да реализира чист погодок.