Лидерот во Ла лига, Барселона ја врати предноста од 11 бодови во однос на Реал Мадрид, откако каталонскиот гигант без многу мака со 4:0 го победи Бетис во меч од 32 коло во Примера дивисион.
Иако Бетис е тим кој се бори за излез во Европа и се очекуваше да даде силен отпор на „Камп Ноу“, тоа не беше случај. Кристенсен донесе водство на фаворитот од 1:0 по една нафрлена топка од Рафиња. Работата на Барселона беше дополнително олеснета откако Гонзалес доби црвен картон во 33 минута, па Бетис остана со играч помалку на теренот.
Левандовски зголеми на 2:0 во 36 минута на асистенција на Кунде, а само три минути подоцна веќе беше 3:0 благодарение на погодокот на Рафиња после извонредната асистенција на Бускетс, што беше резултат по првото полувреме. Во вториот дел, Барселона само рутински го доигра мечот, а во 82 минута автогол постигна Родригез, после акцијата на Ансу Фати.
Барселона сега има 79 бодови, пред Реал кој е втор со 68 бодови, а Атлетико Мадрид е трет со 63 бодови. Бетис остана на шестото место со 49 бодови.
Во самиот финиш Чави шанса за докажување му даде на 15-годишниот Јамал, кој пропушти шанса своето деби да го круниса со погодок. Инаку, младиот офанзивец со влегувањето на вечерашниот натпревар на „Камп Ноу“ стана најмладиот дебитант во историјата на Барселона.