Манчестер Сити киксираше и одигра само 1-1 на гостувањето кај Нотингем форест, па Арсенал останува на врвот во Премиерлигата. Челзи пак доживеа шокантен пораз на свој терен од Саутемптон со 1-0.

Манчестер Сити го победи Арсенал на негов терен, но не успеа такво нешто да направи и денеска на гостувањето кај Нотингем форест. Халанд промаши безброј шанси.

Тимот на Гвардиола водеше од 41. минута со голот на Бернардо Силва со одличен шут од далечина. Сити преку Фоден, Халанд и Лапорт не искористи неколку убави шанси па на крајот стигна и казната. Предноста траеше долго, но не и до крајот на натпреварот. Во 84. минута Вуд постигна гол за реми 1-1.

Челзи продолжува со лоши резултати во Премиерлигата иако во јануарскиот преоден рок инвестираше многу пари. Денеска загуби од Саутемптон кој е на последното место на табелата.

Ворд-Праус во судиското продолжение од првото полувреме постигна гол од слободен удар кој беше единствен на мечот, Саутемптон победи со 1-0.

 

Во финишот од мечот Аспиликуета заработи тешка повреда на главата, беше и во безознание, откако долго време му беше укажувана помош на теренот, беше однесен во болница.

Евертон под водство на Дајч, го крена нивото и запиша нова победа, го совладаа Лидс со 1-0 со гол на Колман.

Со 1-0 забележа победа и Борнмут на гостувањето кај Вулверхемптон, а целиот плен го освои и Фулам кај Брајтон. Брентфорд и Кристал Палас одиграа нерешено 1-1.