Поранешниот македонски шампион Шкендија остана непоразена во Стокхолм и со одличен резултат после ремито 1-1 против АИК, сега на домашен терен ќе ја има шансата за пласман во плејофот во Конференциската лига.
Тетовци успеаа да го изненадат фаворитот уште по 26 секунди, откако на високиот пресинг Ферхан Хасани одзема топка, па реализираше во голот на Швеѓаните, а потоа на сцена стапи Костадин Захов, поранешниот македонски репрезентативец кој неколкупати спречуваше сигурни голови, а не успеа само да го одбрани ударот со глава на Џон Гуидети за израмнување.
Шкендија храбро се бореше и му се спротистави на АИК, иако домаќините имаа повеќе од поседот, на бранови успеваа да се заканат, но само еднаш погодија во мрежата на црвено-црните, но и Шкендија имаше свои шанси, пред сѐ на Синдрит Гури во првата половина од вториот дел, потоа и опасен удар на Вагнер во завршните 15-на минути.
Шкендија имаше повеќе директни шутеви во голот (6-5), во егал беше во корнери (5-5), па сега пред себе има извонредна шанса после 2018 година повторно да игра во плејоф во Европа и таа шанса ќе треба да ја искористи, особено што шведскиот тим не покажа дека е така надмоќен во ова „прво полувреме“ од двомечот.