„Групата на смртта“ донесе неизвесност таква каква што и се очекуваше, сите четири екипи се во игра за првите две позиции, а разликата меѓу првиот (Борусија Дортмунд) и последниот (Њукасл) е само три бода.
Секоја победа е од исклучително значење, Милан во минатото коло го победи ПСЖ на Сан Сиро и се врати во игра, а сега истото треба да го стори и против Дортмунд за да се најде на едно од првите две места пред гостувањето кај Њукасл во последното коло.
Росонерите имаат големи проблеми поради повреди, нема да играат повеќе значајни фудбалери, но за разлика од дуелот против Фиорентина во Серија А, сега на располагање ќе го имаат Оливие Жиру кој ќе биде свеж откако го пропушти дуелот во италијанското првенство поради суспензија.
Интересно ќе биде и на дуелот меѓу ПСЖ и Њукасл каде англискиот тим ќе треба да остане непоразен за да ги задржи реалните шанси за пласман во нокаут фазата.
Покрај овие две средби, денеска на програмата се уште шест дуели. Од 18:45 часот се дуелите Лацио – Селтик и Шахтар – Антверпен. Од 21 часот играат Барселона – Порто, Феенорд – Атлетико Мадрид, Манчестер Сити – Лајпциг и Јанг Бојс – Црвена звезда.