Германскиот гигант Баерн Минхен е заинтересиран за офанзивниот играч за врска, Флоријан Вирц. Играчот на Баер Леверкузен е еден од најголемите светски таленти кој меѓу другите го бара Барселона.
Германските спортски медиуми откриваат дека Вирц е наклонет кон заминување во Баерн, а трансфер во странство моментно не е опција за него.
Вирц е на врвот на листата на желби на Баерн за 2024 или 2025 година, но неговиот евентуален трансфер зависи од останувањето или заминувањето на Џамал Мусијала и Томас Милер, чии договори важат до 2026, односно 2024 година.
Доколку клубот од Минхен одлучи да го донесе Вирц, Баер ќе бара 120 милиони евра отштета. Баерн на тој начин би го соборил клупскиот рекорд за највисоко платено обештетување. Во моментов најскап е трансферот на Хари Кејн кој со бонуси може да достигне до 115 милиони евра.
Вирц во 2020 година пристигна во јуниорскиот тим на Баер. Оваа сезона, тој постигна шест и асистираше за десет гола на 18 настапи за неговиот тим, кој е на првото место во Бундес-лигата под водство на тренерот Чаби Алонсо.
Тој веќе има 14 настапи за фудбалската репрезентација на Германија.