Панчев во дресот на Вардар стана најмлад најдобар стрелец во една сезона во светски рамки, рекорд кој му го урна на Флоријан Алберт во 1984 година и тој рекорд досега никој не успеал да му го собори, а со црвено-црните три години потоа стана шампион на СФР Југославија во „шајберовата сезона“, по што судот на здружениот суд во Белград подоцна го призна Партизан за првак, но најтрофејниот македонски клуб играше во тогашниот Куп на Европските шампиони (КЕШ) како признаен првак од УЕФА.
Дарко Панчев во Вардар ги најави, а во Црвена Звезда ги доживеа златните мигови во кариерата, стана трипати првак на поранешната држава, освои четири „златни копачки“, една европска „златна копачка“ во 1991 година, кога со Звезда беше и европски и светски првак, а стигна и до „сребрената топка“ на „Франс Фудбал“. Но, од сите домашни круни, најслатката сепак е – вардаровата.
„Вардар во 1987 година беше заслужено шампион, а во тој циркус со „шајберовото коло“, најдобар опис даде Томислав Ивиќ. Вардар две кола беше казнет да не игра во Скопје, а случајно двата меча беа со Партизан и Динамо. Игравме во Тетово и двете ги добивме. Ивиќ тогаш рече дека титулата на Вардар е заслужена и дека ако фудбалерите на Вардар облечеа дресови на ‘големата четворка’ ќе беа прваци неколку години. Ние навистина бевме најдобри, но судот на здружениот труд, тотално ја промаши целта. Јас потоа со Ц. Звезда освоив неколку титули, ама таа титула со Вардар ми е најдрага. Зашто кога ќе освоите титула со мал клуб, тоа е големаа работа. Јас Звезда ја сакам, ама со неа беше нормално да станете шампион“, вели Панчев.
Во џиновското интервју, открива како Арсен Венгер сакал во 1997 година да го земе во Монако, но црвено-црните не го пуштиле и кој сѐ не му се јавил за да го ангажира од Ц. Звезда, а тој ја избра најлошата опција да оди во Интер.