Ова дојде како шок за навивачите на каталонската гордост, имајќи предвид дека претседателот Жоан Лапорта пред два дена зборуваше дека обезбеден е прилив од близу 800 милиони евра во клубот, главно од продажбата на 25 проценти од ТВ-правата на Барселона и 25 проценти од „Барса студиос“ за сума од 100 милиони.
Сепак, Ла Лига вели дека потребно е да се покаже прилив и од продадени играчи и од намалени плати, што повторно ја враќа Барса на проблемот со Френки Де Јонг и уште неколку фудбалери кои се заглавени ни во клубот, ни надвор од него.
Де Јонг има највисока плата од околу 12 милиони евра годишно нето, а згора на тоа се 17-те милиони евра, кои Барселона му ги должи од минатите две сезони, кога се вршеше редукција на платите поради Ковид-19, со обврска за одложено исплаќање. Сепак, Де Јонг јасно кажа дека не сака да си оди, особено ако не му биде платено тоа што му се должи, иако за него има интерес.
Новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг цело лето сака да го ангажира, а последниот предлог на клубот, наводно, бил да го плати дури и тоа што Барселона му го должи на играчот. Тука е и Челси, кој покажа интерес, но без конкретни понуди. Покрај Де Јонг, Барселона нема да смета во новата сезона ни на Братвајт, Депај, Пјаниќ и Умтити. Поради нивните плати и неиспочитуваните обврски кон нив, не може да ги регистрира засилувањата кои дојдоа ова лето: Левандовски, Рафиња, Кунде, Кеси, Кристенсен.