Првото коло во Премиер лигата продолжи со две средби денес на кои Брајтон го изненади Јунајтед, додека Брентфорд успеа да стигне до бод против Лестер.
Сезоната требаше да започне со многу надеж за Манчестер Јунајтед, но почна исто толку лошо како што заврши и минатата. Ерик Тен Хег загуби на домашен терен од Брајтон во својот прв официјален натпревар.
Тоа беше еден од оние натпревари кога ништо не одеше како што замислуваа домашните, а гостите покажаа дека ќе бидат подеднакво опасни како и минатата сезона, ако не и поопасни. Џелатот на Јунајтед беше Паскал Грос.
Германецот најпрвин погоди за 1:0 во 30. минута кога Скот МекТоминај ја загуби топката и започна контра напад кој Дени Велбек го заврши додавајќи до стрелецот, а девет минути подоцна Грос ја искористи одбиената топка за кошмарно полувреме на Мачестер Јунајтед.
Сепак, нешто беше поинаку во вториот дел, Јунајтед напаѓаше и притискаше. Во 53. на теренот се најде и Кристијано Роналдо по силните разговори за заминување, а притисокот вроди со плод во 68. кога голманот на гостите исплива по корнер, Далот ја сврте топката со грб, а Мек Алистер ја испрати топката во сопствената мрежа.
Сепак дополнителниот напор не вроди со плод за „црвените ѓаволи“ до крајот, па со пораз влегуваат во сезоната.
На натпреварот одигран паралелно , дојде до поделба на бодовите. Лестер имаше 2:0 со головите на Кастањ и Девсбери Хол во 46. минута, но имаше притисок и кам-бек од Брентфорд кој извлече реми преку Тони и Дасилва.
Премиер лига, прво коло:
Лестер – Брентфорд 2:2
Манчестер Јунајтед – Брајтон 1:2