Реал Мадрид го победи Челзи во спектакуларен натпревар на Стемфорд Бриџ, со што направи голем чекор кон полуфиналето на Лигата на шампионите. Јунак на мечот беше неверојатниот Карим Бензема, кој втор натпревар по ред во Лигата на шампионите постигна хет-трик. Да потсетиме, Бензема постигна три гола и во реваншот од осминафиналето против ПСЖ.
Бензема сезонава игра во нереална форма, на 36 натпревари постигна дури 37 гола и е еден од фаворитите за Златната топка. По торпедирањето на Челзи, англиските медиуми му се восхитуваат на Французинот, а особено ги шокира фактот што поради Рамазан, Бензема постеше цел ден.
Бензема е голем верник и е посветен на исламот, тој пости секој Рамазан па така и сега.
„Бензема го изеде првиот оброк по целодневен пост само 13 минути пред натпреварот, а потоа излезе на теренот и постигна хет-трик на Стемфорд Бриџ“, пишува SportBible.
Пред неколку дена Бензема даде интервју во кое зборуваше за Рамазан и рече дека постот нема никаква врска со неговата игра.
“Тоа не влијае на мојата игра. Рамазан е дел од мојот живот и постот е задолжителен во мојата вера. Тоа е многу важно за мене и се чувствувам добро кога постам”, изјави Бензема.