Mакедонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски и неговиот Рајо Ваљекано беа непријатно изненадени и забележаа пораз во шпанската Примера. На домашен терен беа совладани со 0-2 (0-1) од многу мотивираната екипа на Лас Палмас. Нашиот репрезентативец беше во почетниот состав кај домашниот тим.
Фудбалерите на Рајо во една ситуација му наметнаа непотребен притисок на Димитриевски, кој згреши при исфрлање на една топка до противничкиот играч и казната стигна преку Молеиро во 35 минута.
Гостите подобро го отворија мечот и имаа за нијанса повеќе од играта, а сериозниот пристап доведе и до водство. Лас Палмас ја задржа минималната предност и до паузата меѓу двете полувремиња.
Домашните навивачи очекуваа подобро издание од нивните миленици во вторите 45 минути, но работите не се одвиваа по желбите на тимот од Ваљекас. Камело и Трехо имаа по една солидна шанса, но Лас Палмас одлично се бранеше не дозволуваше да прими гол и делуваше постабилно на теренот.
Гостинскиот состав одигра квалитетно и пожртвувано, а триумфот беше „запечатен“ во 83.минута, кога Хавиер Муњон постигна гол за 0-2 и го постави конечниот резултат на овој дуел. Две минути порано, домаќините останаа и со играч помалку откако Гарсија заработи втор жолт картон.
Екипата на нашиот Димитриевски игра променливо и остана на 23 бода, на дванаесеттото место, додека Лас Палмас стигна до деветтата победа сезонава и во моментов се искачи на високото седмо место, со 31 бод.
Домашна победа синоќа оствари Алавес против Кадиз (1-0). По неуспехот денес Кадиз го отпушти тренерот Серхио.