Македонскиот тандем во Динамо Загреб, Стефан Ристовски и Аријан Адеми дојдоа на чекор до пласман во Лигата на шампионите, па за влез во елитата „модрите“ ќе се борат против Бодо Глимт, откако вечерва загрепчани вторпат го победија Лудогорец, сега со 4-2, и го заверија плејофот во мултимилионското друштво.
После триумфот во Разград пред една недела со 2-1, Динамо уште на полувреме го завери пласманот откако даде три од четирите гола, а сѐ почна со асистенција за воведниот гол на Јосип Дрмиќ на капитенот на македонската репрезентација Ристовски во 12-та минута, а продолжи Милсав Оршиќ со два гола до крајот на полувремето (еден од пенал).
Лудогорец по само 17 минути остана со десетмина, па чудото беше невозможно, иако Бугарите не се предадоа и со играч помалку успеаа да дадат два гола за да ја намалат големата предност, откако двапати Кирил Десподов погоди. Но, точка на сѐ стави Бруно Петковиќ со гол од пенал три минути пред крајот, а Лудогорец мечот го заврши дури со тројца фудбалери помалку откако во завршните 18 минути беа исклучени Рик и Карник.
Азербејџански Карабах ќе се судри со Викторија Плзен во плејофот, откако Карабах победи вечерва во Будимпешта со 3-1 против Ференцварош и со вкупни 4-2 обезбеди пласман во последното елиминациско коло. Бенфика, пак, само формално победи со 3-1 против Митјиланд и во Данска, откако пред една недела во Лисабон славеше со 4-1.