„Кралевите“ се апсолутни фаворити за нов европски пехар, петти во Суперкупот на Европа, а прв после радоста во Скопје во август 2017 година кога го победија Манчестер јунајтед во битката за трофејот. Германски Ајнтрахт е ривалот, кој изненади минатата сезона со освојувањето на Лига Европа, но квалитативно е класа зад мадридскиот великан, иако во вакви мечеви, не секогаш е пресуден квалитетот. Само што, кога станува збор за Реал, великанот на европскиот фудбал е клуб кој не игра финалиња, туку ги освојува.
„Ова е финале и ние имаме амбиција да го освоиме пехарот. Кога играте за Реал Мадрид нема друга опција, освен да победите во финале. Овој меч е посебен, зашто за да играте мора да ја освоите ЛШ и сега нашата задача е да продолжиме со победите“, вели првата ѕвезда на мадриѓаните, Карим Бензема.
Пред 62 години, Реал Мадрид и Ајнтрахт се судрија во спектакуларното финале со десет голови во кое мадриѓаните славеа со 7-3 на „Хампден парк“ во Глазгов за својата петта европска титула од шесте што ги освоија во 50-те и 60-те години, а од 1998 година наваму додадоа уште осум европски трофеи и со 14 евротитули се убедливо најтрофеен клуб.
„Ова е награда за една неверојатна сезона, да играте против Реал Мадрид, клубот кој на патот до европската круна ги елиминираше скоро сите најдобри тимови во моментов на Стариот континент. Ќе излеземе да одиграме со самодоверба. Пеперутки ми летаат во стомакот од самата помисла дека против Реал Мадрид играме за Суперкупот. Знаеме која е силата на Реал, Бензема, Винисиус, но моја работа е да ја сочувам мрежата“, вели Кевин Трап, голманот на Ајнтрахт.
Реал со Суперкупот ја почнува сезоната, веќе викендов тргнува и во одбрана на трофејот во Ла Лига, а планот на Карло Анчелоти е да се освои сѐ – од светското клупско првенство, шпанскиот Суперкуп, освојување на Купот на Шпанија и одбрана на двата лански пехари – титулата во првенството и „големите уши“ во ЛШ.