За Симиќ ова ќе биде втора обврска летово, по настапот на континенталниот собир за јуниори во Измир во Турција, на кое жолто-црвените завршија трети одзади и испаднаа од елитата. Јакимовски, пак, на јулските средби од квалификациите за СП 2023 покажа дека со право се смета за еден од идните лидери на Македонија, поради што неговото доаѓање и тоа како носи големо задоволство на лицето на новиот селектор Александар Јончевски. Сега се очекува уште доаѓањето на Ненад Димитријевиќ, кој побарал и добил одреден временски простор во кој треба да се пресели од Валенсија во Казањ, каде што како кошаркар на Уникс ќе настапува во наредната натпреварувачка сезона.
Најдобрите македонски кошаркари ќе се подготвуваат во Маврово до крајот на неделава, а в понеделник ќе отпатуваат кон Бар, каде што на 16 август е предвидена контролна средба против Црна Гора, која ќе се игра во салата „Тополица“. Жолто-црвените првите два меча од претквалификациите за ЕП 2025 година ќе ги одиграат против Данска (25 август) во Нествед и три дена подоцна против Словачка на домашен терен во Скопје.