Македонската кадетска репрезентација успешно го почна настапот на Европското првенство (ЕП) во кошарка, откако вечерва, после голема и тешка борба во салата СРЦ „Кале“, во самиот финиш успеа да се одлепи на солидна разлика и ја совлада Црна Гора (69-62).
Првата четвртина беше изедначена, во која двете селекции се менуваа во минимално водство, следуваше фантастична серија 20-2 на жолто-црвените за највисоки на средбата плус 17 (16-33). Тоа, сепак, не гарантираше мирен финиш, бидејќи црногорците во последниот период направија голем пресврт, па дури и дојдоа и во водство. Но, младите македонските таленти покажаа голема храброст, уфрлија во „петта брзина“ и со тројката од табла на Димитар Зетов во последната минута ставија точка на значајниот триумф.
Зетов беше најпрецизен во нашата селекција со 20 поени и пет скока, додека зад него беа Никола Јаничиќ со 14 и Стефан Стојковиќ со 11 поени и седум скока. Црногорците го имаа феноменалниот Давид Мирковиќ чии 30 поени и 19 скокови, за среќа, не им беа доволни за триумф.
Нашите кошаркари вториот меч го играат утре против Грција (18.45 часот). Пласман во осминафиналето обезбедуваат сите 16 селекции, а пресметките во првата фаза се за обезбедување полесен ривал на стартот од нокаут-фазата.