Македонската фудбалска репрезентација конечно победи под водство на селекторот Благоја Милевски. Ова беше прва победа по онаа над Казахстан во јуни кога славевме во пријателски натпревар. Тешко беше да се пробие бункерот, но по првиот гол рутински ја остваривме третата победа во овие мундијалски квалификации против аутсајдерот Лихтенштајн со убедливи 4-0.
Сега го зазедовме второто место на табелата зад Германците и ќе водиме битка со Романците и Ерменците за да го зачуваме ова место кое води во баражот за Светското првенство во Катар догодина.
Со очекувано тотална доминација на теренот, Македонија ја запиша јубилејната десетта победа во 11-та пресметка со Лихтенштајн.
Велковски погоди за отварање на резултатот по корнерот на Александар Трајковски. Најпрво го погоди дирекот, а од потоа се снајде најдобро во мешаницата и ја смести топката во мрежата на домаќините.
Во мечот кој личеше на играта “викторија” и се играше пред голот на Лихтенштајн, Македонија продолжи со создавање на шанси и вроди со плод кога Адеми се избори за пенал. Алиоски го реализираше пеналот во 66-та минута и веќе ја обезбеди победата, по што почнавме да играме уште подобро.
Бобан Николов на 15 минути пред крајот даде и трет гол по асистенција на Дарко Велковски, а Дарко Чурлинов погоди четврти пат на седум минути пред крајот по инзвонредна соло акција.
Бојан Миовски, кој дебитираше вечерва заедно со Ердал Ракип, имаше извонредна шанса но домашниот голман Бухел со пантерска интервенција спречи деби гол за играчот на МТК.
Победата на Македонија после трите ремија во минатиот месец сега уште повеќе ја зголемуваат самодовербата во националниот тим пред спектаклот со фаворитот Германија во понеделник на Националната Арена „Тодор Проески“.