Виљареал остана една од четирите екипи со максимални две победи во шпанската Ла Лига, дури и откако во 2. коло имаше тешко гостување, кај Атлетико Мадрид.
По серија од осум натпревари без победа во натпреварите со Атлетико, „Жолтата подморница“ конечно славеше, со 2-0, а сите важни моменти во натпреварот се случија во последните 20-тина минути.
Иако Виљареал имаше добар период во играта, сепак, водството дојде како подарок од Науел Молина, бекот на Атлетико, кој изреагира многу лошо во сопствениот шеснаесетник, во 73. минута. Грешката ја искористи Јереми Пино за да го отвори резултатот.
Атлетико можеше да се врати многу бргу, во 79 минута, но голманот Рули спаси топка, која веќе половина Мадрид ја виде во мрежата. Сето тоа ги деконцентрира домаќините и тешко се помируваа дека следи пораз од Виљареал, па следеше и црвен картон од трагичарот Молина, пред Џерард Морено да ги постави конечните 2-0.
Виљареал во моментов е прв во Ла Лига, со шест бода, колку и Реал Мадрид, Бетис и Осасуна, но со најдобра гол-разлика, од 5-0.