Андреј Јакимовски е еден од оние од кои се очекува да бидат идните носители на играта на нашиот сениорски состав. Младиот крилен играч очекува позитивен почеток на претквалификациските натпревари за пласман на Евробаскетот во 2025 година.
Македонија во првото коло ја чека гостување во Данска.
„Очекуваме позитивен резултат на стартот. Имавме доста време да се спремаме, максимално го искористивме периодот за пријателски мечеви и тренинзи и во Данска одиме по победа. Имаме нов селектор, со Александар Јончевски, со кого одлично соработуваме и сите играчи се задоволни. Очекуваме подобра игра, доста побрза игра, таков стил повеќе ѝ одговара на оваа репрезентација. Ние мора да го дадеме максимумот на теренот, само така може да дојдеме до позитивен резултат веќе на овој натпревар“, смета Јакимовски.
Натпреварот меѓу Данска и Македонија се игра од 19:00 часот, а еден час претходно ќе започне дуелот меѓу Словачка и Норвешка.