Капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, кој дојде во Реал Мадрид пред точно десет години, изјави дека играњето на „Сантијаго Бернабеу“ е „како сон од кој се уште не сака да се разбуди“.
Потпишувањето за Реал Мадрид беше една од најдобрите одлуки во мојот живот, изјави Модриќ за шпанскиот весник АС.
Хрватскиот играч за врска, кој следниот месец ќе наполни 37 години, му се приклучи на Реал Мадрид во август 2012 година од лондонски Тотенхем. Оттогаш има освоено 21 трофеј во белиот дрес на „Кралскиот клуб“, а дури пет пати триумфирал во Лигата на шампионите.
„Овде веќе поминаа десет сезони, но секоја од нив ја започнав како да ми е прва. Оваа година веќе освоивме четири титули, а пред нас се уште многу“, изјави Модриќ.
Реал Мадрид минатата сезона го освои пехарот во Лигата на шампионите, титулата шампион на Шпанија и шпанскиот Суперкуп, а овој месец славеше и во Суперкупот на Европа.
Во јуни, Модриќ го продолжи договорот со клубот за дополнителна сезона, до 30 јуни 2023 година.
„Секојдневно чувствувам колку сум драг на навивачите на Реал Мадрид. Затоа се обидувам да им вратам на теренот. Бернабеу е посебно место за мене“, истакна тој.
Модриќ, кој одигра 439 натпревари за Реал, во саботата тренираше со соиграчите како подготовка за неделното гостување кај Еспањол. Тренерот на Реал, Карло Анчелоти на прес-конференцијата изјави дека Модриќ со доаѓањето во клубот „нашол најдобро место за да го покаже својот квалитет“.
“Тоа беше добар трансфер за Реал Мадрид, но и за него. Тој секогаш игра добро, на многу високо ниво. Може да продолжи да игра тука, бидејќи гледам дека е свеж и мотивиран. Верувам дека ќе продолжи да игра овде“, изјави Анчелоти.
Модриќ, најстариот играч во тимот, постигна гол и асистираше во победата (1:4) над Селта на гостувањето во Виго минатата сабота.