Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски за еден месец експресно ги освои срцата на навивачите во Абердин, што не е и чудо, зашто со пет гола во пет кола и прво место на листата на стрелци покажа дека и премногу е исплатлив неговиот не така скап трансфер од 625 илјади евра од унгарски МТК.
Миовски денеска даде два гола (еден од пенал) во убеливата победа со 5-0 против Ливингстон, што е втор меч на кој македонскиот репрезентативец погодува двапати на еден меч после тој со Сент Мирен (4-1). Па брзо македонскиот репрезентативец ги освои навивачите, кои денеска на својата трибина зад голот извадија македонско знаме.
Со вакво темпо Миовски уште ќе ги радува шкотските навивачи на славниот клуб, но тоа што допрва ќе ги плаши е дали Миовски после вакви настапи нема брзо да „избега“ во некој од гигантите или во англиската Премиерлига, нешто што новинарите го предвидуваат веќе во јуни догодина.