Македонскиот репрезентативец Валон Етеми го даде својот прв гол во турската елита и тоа на спектакуларен начин, со мајсторија од слободен удар, кој ни два голмани не можеа да го одбранат.
Етеми во стил на Дејвид Бекам погоди од 20 метри буквално во аголот, неодбранливо за голманот на Аланијаспор и на Истанбул му донесе огромна победа од 1-0, прва за овој клуб сезонава после трите порази од стартот на сезоната.
Етеми трета сезона е во Истанбул, а лани во походот кон турската елита беше спектакуларен со седум гола и десет асистенции, па доби повик од селекторот Благоја Милевски и за Македонија дебитираше против Гибралтар во јуни годинава.
Енис Барди веќе даде два гола на својот прв меч во Суперлигата за Трабзон, а Езгијан Алиоски еден за Фенербахче, исто така на својот прв меч за истанбулскиот гигант.