Изгледа дека Столе Димитриевски направил голема работа кога ја сочува мрежата празна, во првата рунда, кога неговиот Рајо Ваљекано одигра 0-0 против Барселона, бидејќи каталонската машинерија почна перманентно да ги меле противниците.
Во второто коло му даде четири гола на Реал Сосиедад на гости (4-1), а во третово го повтори напаѓачкиот ефект, но без примен гол и славеше со 4-0 против Ваљадолид пред своите навивачи. Резултатот беше начнат во 23. минута, кога двете нови засилувања продуцираа гол, Рафиња како асистент, а Роберт Левандовски како непогрешлив реализатор, направи акробација за да ја допре топката со копачката и таа да влезе во мрежата.
До крајот на првиот дел беше и 2-0, кога Педри стави точка на една акција, по додавањето на Дембеле, а Французинот е асистент и за третиот гол, иако таму сите комплименти одат кон Левандовски и неговата велемајсторска завршница. Конечниот резултат го постави Серхи Роберто во судиското продолжение. Со седум бода, Барса е на второто место на табелата, зад Бетис, кој засега е единствен со максимални три победи, но може да му се придружи Реал Мадрид по вечерашново гостување кај Еспањол.