Дефанзивецот на Ливерпул, Енди Робертсон изрази сомнеж во објаснувањето на УЕФА за доцнењето на натпреварот, а наведе пример како му дал на својот пријател билет , за кој организаторите рекле дека е лажен .
Енди Робертсон се сомнева во официјалното објаснување на УЕФА за причините за доцнењето на финалето на Лигата на шампионите. Дефанзивецот на Ливерпул застана во одбрана на навивачите и рече дека на својот пријател му „средил“ билет за финалето, а тој бил меѓу оние на кои организаторите им кажале дека билетот им е лажен.
“На еден од моите пријатели му рекоа дека е лажен билетот, а ве уверувам дека не е. Беше хаос, искрено. Луѓето само импровизираа и паничеа. Фрлањето солзавец меѓу луѓето не е прифатливо”, рече Робертсон, а потоа продолжи.
“Беше ужасно за нашите навивачи и сите семејства кои мораа да го поминат тоа. Не е пријатно искуство, не е убаво да се дојде на такво финале. Лигата на шампионите треба да биде прослава, а овде тоа не беше случај”.
Робертсон е свесен дека организаторите имаа помалку време од вообичаено поради преместувањето на финалето.
„Се разбира дека финалето првично не требаше да биде тука и можеби подготовките не беа толку добри како што требаше, но сигурен сум дека ќе има истрага за се во наредните денови“, рече тој.