На два дена пред почетокот на Европското првенство, ФИБА го објави третиот и последен Power ranking, анализа за тоа кој е најголем фаворит за шампионскиот пехар.
За разлика од претходните два, на кои доминираше Словенија, сега прв кандидат за титулата, според авторите е Србија која досега не беше ни меѓу првите три. Очигледно, победите против Грција и Турција ги воодушевиле аналитичарите кои сега сметаат дека српската репрезентација е подготвена за првата континентална круна по пауза од 21 година.
Најголем пад во рангирањето доживеа Франција која падна за три позиции и сега е петти фаворит за титулата иако во своите редови има најголем број НБА кошаркари. По Србија и Словенија, на третото место е Грција, па може да се верува дека титулата ќе остане на Балканот.