Германските кошаркари ја совладаа Литванија со 109:107 по две продолженија, во третото коло на Европското првенство.
Домашните го одбранија домашниот терен во Келн и ја забележаа третата победа на Евробаскетот.
Литванците, пак, продолжија да разочаруваат и сега имаат 0/3 во групата Б и се во зоната за елиминација.
Со овој триумф Германија практично обезбеди учество во осминафиналето на Европското првенство.
Она што ја одбележа првата четвртина, беше добриот шут за два, но полош за три поени на двете страни.
Во втората четвртина Германците одиграа многу подобро и успеаја да се одлепат, но Литванија не дозволи поголема предност.
Предводена од одличниот Франц Вагнер, Германија постојано ја одржуваше предноста, но таа никогаш не беше двоцифрена, па Литванците успеаја да поведат на почетокот на последната четвртина.
Сепак, на две минути до крајот, беше 89:82 за Панцирите, а +5 на 60 секунди до крајот – и се чинеше дека е се готово.
Сепак, Валанчиунас постигна три поени во еден напад, Тиман и Шредер промашија, а Браздеикис донесе израмнување и продолжение.
Литванија го искористи моментумот и подобро влезе во првото продолжение, а блескаше Валанчиунас.
Литванците имаа +3 и посед, но не го искористија ниту тој ниту следните неколку напади.
На крајот Шредер со кош-фаул израмни на 96:96, Григонис направи прекршок во напад , а Вагнер ја испушти победата.
Во второто продолжение Германците повторно се вратија во водство, а може да се каже дека мечот го реши Маодо Ло со две тројки во два напада.
И покрај тоа и +5 за домаќинот на минута и пол до крајот, шанса имаше Литванија.
Шредер ја пропушти можноста да го реши победникот, но Браздеикис и Буткевичиус ги промашија ударите за продолженија, односно победа.
Кај победниците најдобар беше асот на Орландо Меџик , Франц Вагнер со 32 поени (12/20), осум скока и две асистенции.
Шредер на крајот ја презеде одговорноста и мечот го заврши со 25 поени (10/27), пет скока и осум асистенции, додека Ло додаде 21 поен.
На другата страна ја гледавме доминацијата на Валанчиунас во рекетот со 34 поени (10/15), 14 скока и пет асистенции.
Григонис постигна 17 поени, седум скока и четири асистенции, Сабонис постигна 13 поени со седум украдени топки, додека Браздеикис имаше 12 поени и шест скока.