Рома доживеа тежок пораз во неделата вечер на гостувањето во Удине каде Удинезе убедливо славеше со резултат 4:0!

Тоа беше и првиот кикс за Волчицата во новата сезона, а недолго по натпреварот тренерот на римскиот тим Жозе Мурињо даде изјава во која го цитираше легендарниот Вујадин Бошков кога е во прашање високиот резултат.
– Кога губите со 4:0, тука нема прашање за судијата. Претпочитам да изгубам еден натпревар со 4-0, отколку четири со 1-0. Тешко е, и за нас и за навивачите – изјави Мурињо, кој доби жолт картон на крајот од првото полувреме:

– Тоа што ви го кажувам дека е подобро да изгубите еден натпревар со 4:0 отколку четири со 1:0, им го кажав и на играчите по натпреварот. Мора да размислуваме и за четврток и за Лигата на Европа.
Рома пропушти можност да се искачи на врвот на табелата и сега заостанува еден бод зад Наполи и Милан.