Словенија во директен дуел за првото место во групата ја совлада Франција благодарение на неверојатниот настап на Лука Дончиќ.
Одличен натпревар одиграа Словенците и Французите, а на крајот Словенија победи со 88:82 и со тоа се зацврсти на првата позиција во групата Б.
Тоа беше ден во кој Лука Дончиќ беше незапирлив. Ниту лактот во глава од Поаре не го спречи, одигра неверојатна партија и ја повлече Словенија до победа.
И едните и другите беа без по еден важен играч, кај Французите недостасуваше Јабуселе, а кај Словенците го немаше Тоби, па Дончиќ и Драгиќ ги одиграа речиси сите 40 минути и ќе им биде потребен одмор пред нокаут фазата.
Франција одлично влезе во мечот, но Словенија многу брзо се врати и во поголемиот дел од времето беше во водство. На крајот од мечот, на две минути пред крајот, Еван Фурние го израмни резултатот на 82:82 од линијата за слободни фрлања, но до крајот на мечот Французите останаа без поени и потпишаа капитулација.
Дончиќ постигна нереални 47 поени со седум скока и пет асистенции, а Драгиќ го следеше со 14 поени. За Франција, Руди Гобер постигна 19 поени со осум скока, а Еван Фурние додаде 15 поени.