Хрватскиот репрезентативец Марцело Брозовиќ го спаси Интер од нов кикс откако даде гол на минута пред крајот за „нераѕурите“ да ја запишат четвртата сезонска победа, вечерва минимална и тешка против Торино со 1-0 во шестото  коло.

Интер се изнамачи за да победи, во првиот дел немаше ниту еден директен шут, а до десет минути пред крајот имаше само еден, па сѐ наликуваше на нов кикс, но Брозовиќ минута пред крајот успеа да ги надмудри „биковите“ и да донесе голема радост за еден од фаворитите за „скудетото“.

Со оваа победа Интер сега има 12 бода и се искачи на третото место, бод помалку од Аталанта која има и меч помалку, а два зад Наполи кој исто како и миланските ривали се измачи за победа и на крајот со гол на Џакомо Распадори ја победи минимално Специја.

За Торино ова беше втор пораз сезонава по кој остана на 10 бода и седма позиција на табелата.