Чуда против светски великани како Германија еднаш се случуваат, а колку и цела македонска јавност да посакуваше и да се надеваше на нова сензација, макар и на бод, едноставно германската машинерија фудбалски нe прегази на тешкиот терен на стадионот Тодор Проевски во Скопје. Сила имавме за 50 минути да се одбраниме, го имавме Столе Димитриевски кој успеа да фати неколку топки, имавме и среќа во дирекот во судиското надполнување во првиот дел, а потоа експресно во вториот дел попуштивме и сѐ отиде во корист на Германија.
Прво Хаверц отвори со гол во 50-та минута, а потоа со два гола за четири минути, прво во 70-та, а потоа со преубав гол во 74-та минута Тимо Вернер се “извади” за сите промашувања. Кога се беше решено Џамал Мусаила на шест минути пред крајот само додаде уште еден гол во нашата мрежа.
Како клучни моменти освен одличната физичка подготвеност на Германците може да се издвојат:
- Пристрасниот холандски судија Дани Макели, кој очигледно од почетокот беше решен да им даде поддршка на гостите
- Повредата на столбот во средниот ред Адеми
- Анемичен и слаб напад кој никако не успеваше да поврзе неколку додавања и да ги принуди гостите да се вратат на своја половина.
Од почеток Германците диктираа темпо, притискаа, бараа брз гол, но Макеоднија успеваше да се одбрани, неколкупати со противнапади и да се закани без конкретна завршница, а потоа
Димитриевски за една минута двапати одбрани, прво на Лирој Сане, па на Серж Гнабри од зицер по корнерот, а Вернер погоди дирек во втората минута во судиското надополнување.Од друга страна, Македонија се обиде со противнапади да стигне до шанса и гол, најзрелата на средина од првиот дел ја имаше Елиф Елмас кој биеше по земја на прв дирек, но Ноер одбрани, а сѐ друго не заврши со конкретна шанса после противнападите, зашто Германците успеваа да ја скратат топката на завршното доавање.
Останува бодови да бараме од следните натпревари, веќе во ноември гостуваме во Ереван кај Ерменија на 11.11 во меч што може да биде одлучувачки за борбата за второто место во групата.