Трикратниот европски првак Шпанија ќе го игра своето десетто финале на Европските првенства после победата против Германија во второто полуфинале со 96-91, па „црвената фурија“ закажа пресметка со Франција во недела за европскиот трон, што ќе биде реприза на финалето од 2011 година во Литванија.
За Шпанија ова е петто финале во последните седум изданија на Евробаскетот, почнувајќи од ЕП на свој терен во 2007 година, а денеска Шпанците победија со извонредна одбрана и поради неверојатниот пад на Германците во завршните седум минути од мечот во кои дадоа само три поени (една тројка).
Германија пред крајот на третиот период имаше плус 10, а на почетокот на последната четвртина беа на плус седум (77-70) и тука застанаа. Шпанија направи неверојатна серија од 13-0 за да дојде до првата опиплива предност од плус шест (83-77) на четири минути пред крајот, а на 40-на секунди до крајот имаа и највисоки плус осум (88-80) откако Германците преку Обст во тие нешто повеќе од седум завршни минути дадоа само три поени.
Во последните 40-на секунди, Германија со две тројки се обиде да се врати во мечот, но сѐ беше предоцна зашто Шпанците знаеа како да го приведат мечот кон крајот и да слават ново финале
Лоренцо Браун со 29 поени и шест асистенции беше предводник на Шпанците, од кои 11 во последната четвртина, а Вили Ернангомез даде 14 поени, додека Хуанчо Ернангомез додаде 11. Кај Германија, блескаше Денис Шредер со 30 поени и осум асистенции, но НБА ѕвездата беше претивок во последната четвртина во која даде само два поени. Обст и Вагнер погодија по 15 поени.