Ројстон Дренте беше најавен како своевидно „Галактико“ засилување за Реал Мадрид и дојде во Шпанија како најголем фудбалски потенцијал, што всушност брзо почна да го презентира и на теренот со своите почетни изданија во белиот дрес.
Петнаесет години подоцна, Дренте се уште е фудбалски активен со значителен вишок на килограми, но се натпреварува во ниските шпански лиги како претставник на Расинг Мерида.
Холанѓанецот е се уште интересен за јавноста поради своето минато во Реал, каде вели дека најголемата грешка ја направил со пристапот и непрофесионалното однесување.
– Кога дојдов во Реал имав 20 години и веќе бев на врвот на кариерата. Лудилото кое се случуваше околу мене не може да се опише со зборови. Ми се исполни сонот кога влегов во соблекувалната на Реал, се друго беше неважно. Тие спомени нема да ги заборавам, но вистината е дека не бев голем професионалец.
– Затоа ми се случи тоа што се случи. Мислев дека сум Бог, но истовремено сакав да се забавувам и постојано да излегувам. За да останете на фудбалскиот врв, мора да се однесувате професионално, а јас не го правев тоа. Направив грешки и се каам за тоа. Животот е прекраток и мора да се однесувате професионално, – изјави Дренте во интервјуто за „Газета“.