Лука Модриќ влегува во последните шест месеци од договорот со Реал Мадрид и извесно е дека нема да го продолжи договорот. Капитенот на хрватската репрезентација веќе има неколку понуди за продолжување на кариерата.
Тодофихајес, шпански портал специјализиран за трансфери, тврди дека 38-годишниот играч од средниот ред веќе постигнал договор со својот следен клуб.
“Пред неколку недели Модриќ им кажа на челниците на Реал дека заминува. Иако имаше интересна понуда од Интер Мајами, на крајот во одлуката пресуди влијанието на Кристијано Роналдо. Португалецот е во постојан контакт со Модриќ, неговиот поранешен соиграч, и го убеди да му се придружи во Ал Насер“, пишуваат Шпанците.
„Условите на договорот не се познати, но се шпекулира дека хрватскиот репрезентативец ќе заработува околу 30 милиони евра по сезона. Постоеше опција тој да го напушти Реал веќе во зимскиот преоден рок, но и Модриќ и Реал се откажаа од тоа“.
Модриќ е во Реал од 2012 година и освои се што може да се освои со мадридскиот клуб. Тој одигра 508 натпревари и постигна 38 гола со 80 асистенции. Оваа сезона најчесто ја грее клупата за резерви и не е задоволен од статусот кај тренерот Карло Анчелоти.