Јувентус влезе во длабока резултатска криза и нема да биде чудно ако Масимилијано Алегри не го дочека колото кое ќе следи по репрезентативната пауза, бидејќи фудбалскиот великан од Торино денеска загуби и од фенерџијата во Серија А.
Првото полувреме беше одбележано од големата глупост на Анхел Ди Марија кој со црвен картон го остави тимот на цедило, а тоа беше сурово казнето од домаќините кои постигнаа еден гол вреден победа во вторите 45 минути.
Херој беше Данецот Кристијан Гуткјер кој одлично го испрати центаршутот во 74-та минута за гол и победа на Монца која избегна од дното на табелата.
Овој пораз може да донесе голем потрес и сериозни промени во Јувентус, бидејќи работата на Алегри дефинитивно ќе се разгледува и анализира по петте меча без победа во сите натпреварувања.
Во истиот термин, Лацио беше уверлив кај Кремонезе и победи со 0:4, а потегот на мечот го изведе Милинковиќ Савиќ кој режираше нова генијална асистенција до Чиро Имобиле. Чиро постигна два гола, Милинковиќ Савиќ еден, а последниот беше дело на Педро. На третиот натпревар кој се играше од 15:00 часот, Фиорентина ја победи Верона со 2:0.