Фудбалската репрезентација на Македонија ќе ги одигра клучните два натпревари во третото издание на Лигата на нациите. Прво в петок се гостува во Грузија, лидерот во групата, а во Тбилиси е потребна убедлива победа за опстанок во битката за првото место. Сепак, во пресрет на првиот собир селекторот Благоја Милевски се соочува со многу проблеми.
Од претходно беше јасно дека Дарко Чурлинов ќе го скокне репрезентативниот прозорец, потоа пристигна информација и за повреда на Ваљон Етеми, а сега неизвесен е и капитенот Стефан Ристовски. Десниот бек на Динамо Загреб доби поштеда во дуелот со Локомотива, а предводникот на тимот Анте Чачиќ откри и зошто.
„Стефан Ристовски има проблеми со тетивата на ногата, повреда за која е потребна пауза“, кажа Чачиќ пред дуелот со Локомотива.
Засега нема подетални информации околу состојбата на Ристовски од таборот на Македонија. Капитенот веројатно ќе одговори на повикот на селекторот, но непознато е дали ќе биде во состојба да помогне на теренот. Во текот на минатата седмица Ристовски играше на гостувањето кај Милан во Лигата на шампионите, па постои надеж дека отсуството е само превенција и да нема посериозна повреда.
Првиот собир на репрезентацијата на Македонија е закажан за утре напладне (12:00), додека првиот тренинг ќе се одработи во терминот од 17:30 часот.