Реал Мадрид и натаму е на 100% победи , откако го доби големото градско дерби против Атлетико со 2:1.
Деветти натпревар сезонава во сите натпреварувања за Реал Мадрид и деветта победа. Овојпат се бореше против секогаш жилавиот и тврд противник Атлетико во големото мадридско дерби на Ванда Метрополитано.
Лука Модриќ го предводеше тимот на теренот како капитен, одигра многу добар натпревар и одигра важна улога во вториот гол на Реал Мадрид.
Реал поведе во 18. минута кога Чуамени со маестрално додавање ја префрли одбраната и го пронајде Родриго, кој одлично реагираше и ја испрати топката покрај Јан Облак во мрежата.
Во 36. минута 2:0 за гостите. Со прекрасно додавање од прва, Модриќ ја испрати топката до Винисиус во празниот простор, тој се упати кон голот, ја погоди стативата, но одбиената топка стигна до Валверде, кој зголеми на 2:0.
Во вториот дел домашните се обидоа да ја намалат негативата и успеаја во 83. минута кога Марио Хермосо погоди за 2:1.
Бурно беше на крајот, по фаулот на Дани Карвахал, Хермосо ги загуби нервите, дојде до туркање, но се се смири со жолтите картони.
Веќе пожолтениот Хермосо го турна Дани Себаљос во шеснаесетникот во судиското надополнување и заработи втор жолт картон, а набрзо дојде крајот и победата на Реал беше потврдена.
Реал Мадрид со оваа победа останува лидер во Примера .
Ла Лига, шесто коло:
Атлетико Мадрид – Реал Мадрид 1:2