Ударната сила на Грузија е Квича Кварацхелија, соиграчот на Елиф Елмас во Наполи, кој од летното доаѓање на Апенините блеска, но селекторот Благоја Милевски пред утрешниот меч од 18 часот во Тбилиси посочи дека тимот победува, а не поединецот, па грузиската ѕвезда не може сѐ сам.
Македонија игра дерби за прво место во Тбилиси пред преполната „Динамо Арена“, но за разлика од последното гостување пред 22 месеци кога еден гол на Горан Пандев нѐ однесе на Еуро 2020, сега ни треба џиновска победа поради поразот со 0-3 во јуни во Скопје.
„Ако не мислиме дека може да победиме, не би ни дошле тука. Во Скопје заслуживме повеќе, но таков е фудбалот и не победува секогаш подобриот. Ние дојдовме утре да победиме. Подготвени сме да ги исправиме грешките од Скопје“, рече Милевски.
Македонија е десеткувана, недостигаат дури осуммина од тимот кој во март ја победи Италија, но пред сѐ голем хендикеп е неиграњето на капитенот Стефан Ристовски, бескомпромисните борци Аријан Адеми и Бобан Николов, офанзивното крило Дарко Чурлинов… Кој поради повреда, кој зашто предоцна најде клуб.
„Сѐ додека имаме и најмали шанси за пласман ќе се бориме до крај, а ние ќе пробаме да го искористиме. Имавме одлични квалификации за СП, одлични мечеви во баражот, но овој циклус го почнавме со многу проблеми поради повреди и неминовно беше да се освежиме. Ја продолжуваме транзицијата, а сега е шанса да се увериме во сите млади кои доаѓаат. Поединецот е важен, ама тимот победува, така да Кварацхелија не може сѐ сам. Тој е во добра форма, но секогаш тимот е поважен“, додаде Милевски.