Фудбалерите на Вардар и покрај сите маки кои ги имаат, и повредата на својот лидер, одиграа натпревар на ниво за три бода и сигурен чекор кон остварување на поставената цел, враќање во прволигашката конкуренција.
Стружани уште на стартот се најдоа во негатива од два гола, откако Кристијан Николовски (11-та) и Филип Јаневски (12-та) во една минута дадоа два гола за убедлива предност, а потоа Караорман одговори со гол и тоа без шут. Ненад Мишковски го изненади Филип Гачевски по еден корнер и ги врати стружани во мечот. Домашните имаа контрола и беа далеку подобри на теренот, па нешто помалку од половина час пред крајот Дарко Размоски го реши прашањето на победникот, а Роберт Митев пет минути пред крајот само стави печат на убедливата победа.
Вардар со овој триумф сега има 49 бода, Воска Спорт е на 47, Гостивар е на 45, а Пелистер на 43 бода. Во следното коло, црвено-црните ги чека гостување кај Локомотива Пехчево. Гостивар има лесна домашна задача со Слога Виница, а дербито се игра во Охрид каде Воска е домаќин на Пелистер.