Шансите Македонија да испадне од четвртиот во петтиот барабан за ждрепката на 9 октомври во Франкфурт за Европското првенство 2024 во Германија беа минимални, но ситуацијата помалку се искомпликува поради што црвено-жолтите вечерва задолжително мора да освојат бод против Бугарија (20.45 часот) за да не се доведат во ситуација утревечер да треперат за местото во четвртиот барабан.
Македонија на контото има седум бодови и потребно е да освои најмалку еден со Бугарија со што би останала втора во групата и со тоа секако би била во четвртиот барабан. Сѐ друго би било влегување во проблем по кој за „опстанокот“ во четвртиот барабан ќе треба да ја чека разврската во групата 2 каде што се Грција, Косово, Северна Ирска и Кипар.
Според пропозициите за ждрепката ќе има пет барабани по десет селекции и шестиот ќе биде со трите најслаби, а бидејќи Германија како домаќин и Русија која е суспендирана нема да играат во квалификациите, најслабите две третопласирани во Лигата на нации според генералниот пласман ќе бидат во петтиот барабан во кој ќе се најдат секако и четирите последни во групите и остатокот од Д-дивизијата.
Во моментов послаби од Македонија (7 бода, 7-6) се Словачка (7 бода, гол-разлика 5-6), Бугарија (6, 9-8), Косово (6, 6-7), С. Ирска (5, 6-7) и Кипар 5 (3-7). И во ваква ситуација, Македонија која секако посакува победа за да го затвори овој резултатски разочарувачки циклус, мора најмалку да освои бод со што сигурно ќе биде во четвртиот барабан што го обезбедува второто место, од причина што на генералното рангирање без оглед кој колку бодови освоил, се рангираат прво првопласираните, па второпласираните, па третопласираните… Три селекции од овие пет ќе го пополнат четвртиот шешир, а две ќе одат во петтиот.
За да не се дојдеме во ситуација да се плашиме, пораз мора да се избегне, иако и со него би имале шанси да останеме во четвртиот барабан само под услов С. Ирска или Кипар, кои утре имаат (пре)тешки гостувања да не победат.
Целата ситуација вчера ја искомпликуваа Фарските острови со победата против Турција со 2-1, па сега теоретски Македонија би можела да испадне од четвртиот во петтиот барабан ако загубиме од Бугарија, а Северна Ирска успее да ја победи Грција и притоа да победи и некој во пресметката Косово – Кипар. Во таква ситуација, два ривала би нѐ прескокнале, па Македонија со Словачка како најслаби трети би паднале во петтиот шешир.
Наједноставната опција е денеска да бидеме непоразени, па на ждрепката да чекаме поволна група во квалификациите. Сѐ друго ќе биде пеколен пат со четири посилни селекции по рејтинг (ако испаднеме во петтиот шешир) кон Еуро 2024, што е и целта на селекторот Благоја Милевски кој изјави дека допрва ќе го создава тимот за нов настап на големата сцена.