Во дуелот на два губитници во групата од ЛН во која слави Грузија имавме барем мала утеха и мотив да го завршиме овој циклус со насмевки и со гордост – но не успеавме. Дуелот со Бугарија беше од големо значење за нас во Македонија, за народот во оваа земја, за сите оние кои се чувствуваат понижено од источниот сосед.Стадионот беше полн – затоа што народот посакуваше победа. Народот дојде да се радува, да ги победиме „лошите“ соседи кои ни оспоруваат историја, јазик и идентитет!
Бугарија со широки насмевки си оди како голем победник од Скопје. Оваа „најслаба“ Бугарија на фудбалски план во нивната историја со нашата „горда“ Македонија успеа да дојде до триумф.
За нас во Македонија ова е болен пораз.
Нема оправдување за неуспехот, не може да бидеме горди ! Загубивме затоа што не сме како треба. Заслужен црвен картон на Тодор Тодоровски по само 13 минути игра. Аматерски, неискусно и на средина од терен – непотребно!
И со „десетмина“ се обидовме но Бугарија чекаше и ја дочека сојата шанса. Фаталната контра во 49 минута која им донесе гол на Десподов, победа, престиж…! Не се тие нешто подобри од нас ама барем се втори во групата каде ние сега сме трети !
На 0:1 имавме добар период на напади но само онаа зрела прилика на Алиоски и реакцијата на стоперот Антов на самата гол линија. Среќа имавме и ние – Бугарите беа подобри исосема заслужено стигнаа до многу значајна победа за нив, но тежок иболен пораз за нас.