Реал Мадрид синоќа го имаше првиот кикс во новата сезона од Ла Лига, играјќи 1-1 против Осасуна, а мечот најдолго ќе го памети Карим Бензема, кој имаше шанса да му донесе победа на својот тим од пенал во 79. минута, но – не успеа.

Пенали се промашуваат од време на време, но трипати против ист голман, во рок од пет и пол месеци е веќе необично. Бензема вчера беше очигледно психолошки 0птоварен од искуството од 20 април оваа година, кога Серхио Ерера двапати му одбрани пенал и тоа изведен на исто место, голманската десна страна.

 

За разлика од синоќа, Реал тогаш го доби мечот со 3-1, но излезе дека тие два утнати пенали имале продолжение. Ерера синоќа сакаше да си поигра со концентрацијата и со психата на Бензема, па пред да изведе, неколку секунди со рака му покажуваше свое десно, божем, да шутне на истата страна каде што двапати му одбрани во април. Овој пат не му одбрани, но деконцентрацијата на Французинот си го направи своето и тој ја погоди пречката.