Поранешниот тренер на бразилскиот гимнастички тим, Фернандо де Карваљо Лопез, е осуден на казна затвор во траење од 109 години и осум месеци поради повеќекратно силување, сексуално и психолошко злоставување гимнастичарки, пренесуваат медиумите од Бразил.

Најмладата жртва на тренерот-монструм имала само 13 години, а скандалот изби во пресрет на ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро поради стравичните обвинувања. Периодот во кој Карваљо Лопез ги напаствувал гимнастичарките почнал уште во 1999 година, а во 2020 година тој доживотно беше исфрлен од спортот. Во пресудата е наведено дека се докажани злосторствата врз четири од многубројните жртви, поради што ја доби казната од повеќе од еден век.

 

Тренерот Карваљо најави жалба тврдејќи дека е невин и дека целиот случај е наместен за да му го уништат животот. Тој до скандалот важеше за еден од најдобрите тренери за гимнастика во цел Бразил.